Живот во Македонија или во странство? Одбирам да останам ДОМА!

Живот во Македонија или во странство? Одбирам да останам ДОМА!

Јас сум еден од малкуте млади луѓе Македонци кои по секоја цена би се одлучиле да останат да живеат во Македонија и ниту на крај памет не им е преселба во странство. Од старт напоменувам и дека ги разбирам сите кои се иселиле заради x причини. Но, сметам дека ова е субјективно прашање и затоа ајде да имаме аргументирана дискусија.

Зошто решавам да останам овде наместо во странство?

Најпрво затоа што си ја сакам Македонија и овде се сите кои ми значат. Екстроверт сум, ми се допаѓа животот во Македонија и си ја ценам слободата.

Размислувам долгорочно. Моментално имам 25 години, здравје за некоја година се надевам ќе имам деца. Ако си навратам сеќавања, мене омилен дел од детството ми беа дружењата со баба и дедо, па утре и моите деца сакам да растат со баби и дедовци. Дополнително, моите родители ќе ми бидат помош за чување деца и знам дека ќе им понудат неизмерна љубов.

Финансиски

Колку и да ви звучи чудно, финансиски мене ми е поисплатливо да живеам во Македонија. Јас лично моментално имам неколку извори на приходи, најголем дел од земјава, но дел и од странство. Приходите кои ми стигаат од странство многу повеќе ми се исплати да ги трошам овде, отколку таму. Овде работам две работи. Ако секој земе да работи по две работи (како што тоа го правите во странство) тука комотно може да се заработат и две просечни плати со кои убаво се живее. Приметувам по себе хехе.

Сооднос

Обрнете внимание на една работа. СООДНОСОТ. Порано кога во Македонија било плата 300 евра, а во Германија 1500, тоа било пет пати разлика. Сега ако во Македонија е 600 таму е 1800 што е три пати разлика, плус треба да се плати кирија. Секој кој би одел во странство ќе треба да плаќа кирија. Е сега, овде дури и да плаќам кредит за стан – ќе имам стан. Плаќањето кирија некому е единствен избор и ОК. За мене тоа е како да фрлаш пари во бунар. Факт е дека голем дел од младите имаат однапред решено станбено прашање што не е случај ако се преселат во странство.

Веќе ни Западот не е тоа што беше

Значи, порано повеќе се исплатело да се живее во Германија на пример заради соодносот. Сега, не толку. Веќе ни Западот не е тоа што беше. Не за џабе наши фамилии почнаа да се враќаат назад. Плус една работа која мене лично МИ СМЕТА. Земете го предвид фактот дека најчесто име во Германија е Мухамед за 2024-та. Земете предвид дека таму се промовираат дегенерации – „либерални“ идеологии кои децата ги учат дека има родител 1 и родител 2 наместо мајка и татко и така натаму. Безбедноста станува сѐ поголем проблем.

Неодговорно да ја оставам државата на друг

Останувам во Македонија затоа што според мене е многу неодговорно државата да ја оставам на некој друг. Мојот татко, дедо, прадедо творат, твореле и се бореле за оваа држава и сметам дека е кукавички чекор да се иселам надвор. Како што вели Гоце Делчев „Има ли друго место за Македонецот, освен Македонија“.

Ќе направам споредба кога живеев во Германија таму се договараат од денес за 3-4 недели тек да се видат. Овде реално се договораме уште истиот ден или пак за 3-4 дена да се видиме. Затоа ми се допаѓа слободата која овде ја имам. Имам другари од Канада, Америка. Тие ми кажуваат дека да се видат две фамилии со децата се договараат месец дена однапред. Кај нас тоа го нема.

Останати причини

Ќе набројам набрзина останати предности овде: Црква. Храна. Кафана. Друштво. Чалгии. Можеби субјективно, можеби не. Ме исполнува одењето во маалската црква секоја недела. Овде имаме одлична храна. И во странство може да се храниш здраво, но ти требаат многу повеќе пари. Факт е дека храната каква што е овде не е на пример во Америка. ГМО си го прави своето. Кафани, чалгии и слично нешто кое мене ми е по вкус. За вкусовите не се разговара, нели…

Во странство секогаш ќе бидам странец

Во Македонија секогаш ќе бидам Македонец, а во странство секогаш ќе бидам странец. Таму ќе бидам статистика, секогаш ќе бидам од втор ред и вечно ќе бидам ауслендер.

Е сега доаѓаме на „темната страна“ која ја има. Темната страна е мито, корупција, инфраструктурни проблеми, улични кучиња и ред други работи. Земајќи предвид сите овие работи решавам да се БОРАМ, а не да си одам, нешто што е најлесен чекор. И секако, лутете ми се колку сакате, но сметам дека многумина наши сограѓани во странство живеат полошо отколку тука, но гордоста не им дава да си го признаат тоа.
И немојте со коментари „излези од Македонија“. Сум бил во повеќе од 25 држави само низ Европа, сум летал над 120-130 пати со авион во мојот живот, сум бил на повеќе континенти, сум живеел студентски во Германија. Е токму затоа знам дека НЕ САКАМ да се преселам. Да бидеме генерацијата која ќе направи промени, да бидеме генерацијата која ќе докаже дека на Македонецот може да му биде убаво во Македонија. 🇲🇰❤️🇲🇰❤️🇲🇰❤️🇲🇰

Никола Николовски – Боемот 2.0

P.s. Во текстот зборувам за долгорочно да се преселам во странство, за краток престој како „work and travel“ или работа да се заработат.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nikola Nikolovski (@boemot.mk)

Живот во Македонија или во странство? Одбирам да останам ДОМА!
Живот во Македонија или во странство? Одбирам да останам ДОМА!
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on email
Email