АВТОБИОГРАФСКИ ТЕКСТ – Се викам Никола Николовски
Се викам Никола Николовски
Да живеев во Бугарија ќе бев Николај Николов, да живеев во Србија ќе бев Никола Николиќ, а ако бев од Грција веројатно ќе бев Никос Николаоу. Да бев од Русија ќе бев Николај Николов или пак Николич, да бев од Америка ќе бев Ник Николовски, а Американците ќе ме мислеа за Полјак заради моето презиме кое завршува како мнозинството македонски презимиња на -ски. Ако моите емигрирале во Австралија тогаш сигурно ќе бев исто. Ќе речев дека ќе бев тврдокорен патриот ако сум од таму, ама не ми менува – јас секако сум.
Се викам Никола Николовски. Ако бев од Битола сигурно ќе имав прекар и никој немаше да ме знае по име и презиме. Ако бев од Неготино или Кавадарци сигурно името ќе беше небитно, а битно ќе беше да пијам, ако бев од Струмица ќе бев одбојкар, ако бев од Струга ракометар и низата веќе ја знаете. Сепак јас сум од Скопје, со велешко потекло – градот на Гемиџиите, град со богата историја, па ете од каде влечат моите корени за патриотските ставови.
Се викам Никола Николовски. Име и презиме кои звучат идеално за промовирање картичка од Стопанска банка, име и презиме кои се земаат како пример за полициски извештаи и слично. По иницијали сум Н.Н. Оние кои учат право и криминалистика би рекле дека тоа е „Непознат Непознат“, а оние кои следат брендови за тоа би рекле „Хели Хансен“ (како логото НН).
Се викам Никола Николовски. А практично не се викам Никола Николовски. Се викам само Никола, а се презивам Николовски. Вака хејтерите би реагирале на оваа објава. За жал, со тек на време ги има се помалку па немаме што и како да прочитаме нивни глупости по коментари.
Се викам Никола Николовски. Статистички Никола е трето најчесто машко име во Македонија, (прв е Александар, втор Зоран). Статистички Николовски е третото најчесто презиме во Македонија (најчести се Стојановски и Ангеловски). Па оттука ако се извлече заклучок го имам третото најчесто име и третото најчесто презиме во државава. А веќе е и три саат. Време е да легнувам.
Боемот 2.0 – Никола Николовски