Пресврт: Што се случува моментално во Украина?

Очите на светската јавност веќе неколку месеци се вперени кон руско-украинскиот конфликт кој деновиве доби сосема поинаков тек на настанатите. За да зборуваме за овој конфликт, најпрво мора да ја знаеме позадината, а истата можете да прочитате ТУКА.

На 24 февруари, Русија со повеќе од 200.000 војници на границата со Украина и изврши инвазија врз оваа држава чиј народ десетина години претходно одлучи да стави крај на про-руската власт. 

Нaјпрво мора да признаам дека сум изненаден од коментарите кои ги добивам по ова прашање. Како држава што има проблем со сепаратистички тенденции на големо малцинство, непризнавање на јазик, народ и култура, што била окупирана од соседите десетици пати низ историјата, би очекувале реакцијата на македонскиот народ да биде со осуда кон агресорот. Наместо тоа, повозрасните генерации на Македонци и новите Титови леви сили слепо застануваат на страната на Русија. Изненаден сум од тоа како нашиот народ се сити на невините загубени животи. Па, и оваа војна ја пречекаа со коментари „За три дена се во Киев“, „Така им е на овие сатанисти“, „Украинците со години чекаа да бидат ослободени“ и слични небулози што само неинформиран човек може да ги замисли. 

Сепак, иако македонските медиуми со руско влијание прогласија победа на Русија вистината е далеку од тоа. Руската офанзива на Киев беше неуспешна. Агресорите успеаја да освојат неколку градови (целосно разурнати) со предвоена популација од околу 800.000 жители (цела Украина има 40 милиони), а дадоа повод Украина да се мобилизира и армијата во моментот да располага со нешто помалку од 1 милион резервисти, над 250.000 активен воен персонал и најмодерно западно оружје.

Претходните неколку денови оваа војна доби сосема поинаков тек на настаните. Седум месеци од почетокот на војната, Украина изврши контраофанзива на југот и на североисточниот дел од земјата. Иако се очекуваше контраофанзивата да резултира со заземање на неколку помали градови и села, се случи неочекуваното. Во офанзивата што започна пред само 3 дена, војската на Украина успеа да врати територија од речиси 10.000км2, а со тоа ефективно да ја ослободи целата Харкивска област која со месеци беше окупирана од агресорот. Паралелно, ослободени се десетици села во областа Херсон на југот од државата, каде приближно 20.000 руски војници се блокирани на западната страна од реката Дњепар, а одредени извори говорат и за насочување на силите кон Донбас, територија што руските сепаратисти ја контролираат делумно уште од 2014 година.

Повеќе можете да погледнете и од фотографијата во продолжение:

Причините за овој колапс на „втората светска армија“ се повеќе – од недоволна мобилизација и немање мотив за борба, па сѐ до супериорното западно оружје кое Украина го доби од своите партнери. Она што останува како факт е дека втората светска сила за која многумина мислеа дека е способна да стигне до Берлин за неколку дена, не може да освои или да задржи мали градови и села во своето соседство. Можам да разберам дека до некаде и ги разбирам Русите кои сакаа „да покажат заби пред Западот“, но војната на крајот испадна со премногу потрошени финансии, невини загубени млади животи, тектонски поместувања на украинскиот народ, непотребна омраза и слично. Со војната и оваа „офанзива“ како ја нарекува руското население, тие успеаја без потреба да го свртат пријателското украинско население целосно против себе, а со самата инвазија НАТО доби две нови членки кои се наоѓаат на само неколку километри од Ст. Петерсбург.

За мене оваа војна досега покажа три работи:

  1. Голема борбеност на украинскиот народ

И покрај сѐ и покрај сите околности, Украинците никогаш не се предадоа туку собираа сили за да возвратат на Русите, а моментално се на добар пат да си ги вратат своите територии. Украинците станаа дефиниција за борбеност, сила и верба.

2. Добро економско справување на Русија кон Западот

Иако Русија направи грешки оваа војна сепак на економски план барем на краткорочен план добро се справи со санкциите од Западот. Располагајќи со најмоќното оружје кое го имаат, а тоа е гасот, тие успеаја да создадат услови да ги контролираат Европејците. Засега ова добро им оди, но од друга страна мора да се земе предвид и фактот дека доларот е историски најјак во претходните 20 години.

3. Лицемерие на дел од западните лидери

„Демократите“ ширум светот многу често на Украина ѝ помагаа само на зборови, а во пракса за жал не направија многу. Гол пи-ар и ставање профилни на Фејсбук не го решаваат проблемот. Иако некои останаа доследни на зборот и во најмала рака донираа оружје, други само на зборови ја поддржаа Украина, а во пракса го оставија на цедило чесниот украински народ.

Јас сум свесен дека има проблеми и кај Западот и свесен сум дека не тече мед и млеко како што западните лидери истото го претставуваат, но уште повеќе свесен сум дека Русија во оваа војна е агресор и јас како Македонец од Македонија треба да бидам на страната на угенетените – во случајов Украинците. 

Воендо, оставам сами да процените дали оваа екскурзија на Русија вредеше и дали една држава која претендира да биде втора по моќност во светот може да си дозволи да изврши неоснована инвазија на соседна држава, а притоа да се најде на раб на целосен колапс.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on email
Email