Боемот на Инстаграм: 30.000 следачи – Лесно е да дојдеш до внимание, тешко до влијание!

Боемот на Инстаграм стигна до 30.000 следачи

Профилот Боемот на Инстаграм стигна до 30.000 следачи – Лесно е да дојдеш до внимание, тешко до влијание!

Откако ја пречекорив бројката од 30.000 следачи на Инстаграм профилов би сакал да споделам една лична приказна.

Лична приказна за почетоците на Боемот

Мајка ми е мојата најголема инспирација и „главен виновник“ за личноста која сум денес. Таа предава македонски јазик, има „описменето“ многу генерации, ги има научено како се сака својот јазик и татковина. Фактот што мајка ми предава македонски јазик ми бил од помош и корист, но носел и товар. Уште од клупите во ОУ „Љубен Лапе“ кога и да напишев добра писмена работа по македонски никој не ја земаше здраво за готово. Сите коментираа „мајка му ја пишувала“, „кај знае Никола да напише таков текст, кај има он таков вокабулар“. А мајка ми е целосен антипод на ваквите коментари. Ниту да чуе за пишување текстови. Секогаш ќе ми помогнела, ќе ме научела и сугерирала, но никогаш нема да се дрзнела да пишува во мое име велејќи „така само му штетам на син ми“. Реално, ѝ благодарам од денешна перспектива.

Секогаш мислеа дека мајка ми ми ги пишува писмените работи. Јас пак, секогаш ги читав сите лектири и книги кои ме привлекуваа. Во средношколските денови додека дел од моите врсници киснеа надвор до раните утрински часови јас секоја вечер се дружев со книгите. Читав и пишував за сопствена душа, сѐ додека пред шест години не се охрабрив да направам профил. Инспириран, ни помалку ни повеќе, од книгата „Бежанци“ на Петре М. Андреевски и легендарниот текст за „Скопската боемија“.

Тивко мнозинство

Бројката од 30.000 луѓе кои ме следат е навистина сериозна. Целта никогаш не била фама, туку ефект. Лесно е да дојдеш до внимание, тешко до влијание. Вие ми помогнавте да направам медиум кој ќе биде глас на тивкото мнозинство. Глас на тивкиот Македонец кој низ овие шест години се разбуди од зимскиот сон. Ви благодарам за сѐ, особено за поддршката кога ме апсеа неистомислениците.

Порано ми се обраќаа со Никола, сега со Боемот. Сликата можеби ви е чудна, но така се осеќам јас кога треба да бирам меѓу двете, како епската фотографија на Роналдо и Меси кога „играат“ шах. Во секој случај, ме радува бројката од 30.000 луѓе кои ме следат и нема што да додадам освен – ВИ БЛАГОДАРАМ. Продолжуваме појако!

Боемот 30.000 хехее

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nikola Nikolovski (@boemot.mk)

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on email
Email