Да беше жив ќе имаше 70 години: Мурал за Горан Стефановски

Да беше жив ќе наполнеше 70 години…

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“

Горан Стефановски според мене е еден од најпаметните Македонци родени во нашата понова историја. Има напишано повеќе од 30 драми, сценарија за ТВ филмови и серии. Неговите драма ја отсликуваат македонштината, животот и духот на нашиот народ. Критички осврт на општеството и прикажување на реалноста низ една поинаква призма.

Пишува: Боемот 2.0

Тој почина во ноември пред само четири години во Англија каде што живееше и беше професор на факултет. Можеби недоволно познат за нас, но тој е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“.

Ние, како генерација пораснати сме со ТВ серијата „Бушава азбука“, убедливо најславната ТВ-серија во историјата на Македонија. ТВ серија со која научивме да пишуваме и читаме. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

Да беше жив ќе имаше 70 години. Општина Центар за одбележување на раѓањето на Стефановски доби мурал во Дебар Маало. Во рамките на одбележувањето на 70. роденден на Стефановски, во паркот кај Општина Центар на неговата клупа се одржа драмскиот перформанс „Маалски драмски разговори“. Вреди да се поздрави овој чин од Општина Центар, а воедно и да се поттикне Град Скопје отсега редовно да ги одбележува ваквите настани.

Како и да е… Стефановски има нанесено голем „белег“ на нашата држава. Лично јас, сметам дека тој е вистински интелектулец. Доколку имате слободно време ви препорачувам да го изгледате видеото кое е поставено на Јутуб „ИНТЕРВЈУ СО ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, СТОКХОЛМ, 1998, ОБНОВЕНО“ и да сфатите за каква личност станува збор.

За крај, завршувам со мојата омилена мисла. „Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“

Да го почитуваме споменот на Горан Стефановски негувајќи го неговото дело одејќи на неговите театарски претстави, читајќи ги неговите книги, користење на неговите текстови и мисли. Време е да зборуваме за вистински патриотизам, па затоа наместо странски автори да го почитуваме ликот и делото на овој македонски великан! 🇲🇰

Боемот 2.0

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on email
Email