Предизборно, период кога сите си даваат свои дефиниции за патриотизмот, сметам дека е убаво да си повториме „што е патриотизмот“.
Патриотизмот, оној вистинскиот кој ја покажува емоционалната поврзаност со татковината и нацијата. Со текот на годините тој варирал во зависност од начинот на живеење. Секоја генерација си има(ла) сопствени битки и различен начин за нивна солуција. Од нашите предци се барало да одат во војна и храбро да се борат за сопствените идеали, но ние сега живееме во друго време.
Според мене најдобрата дефиниција за патриоризмот ја дал американскиот претседател Кенеди велејќи: „не се прашувајте што може да направи вашата држава за вас. Запрашајте се што може вие да направате за неа“. Значи, патиотизмот е да се помогне на државата на секој можен начин да просперира.
Вистинскиот патриотизам е економскиот просперитет на нашата држава.
Патриотизмот се искажува со купување на македонски производи, а со тоа ќе има зголемен број на работни места и повисока просечна плата на граѓаните. Знаењето на мајчиниот јазик. Читање на македонските автори (како Андреевски, Гане Тодоровски, Анте Попоски) кои оставиле бесценето творештво за нас како најголем аманет. Познавање на јазикот како врховно нешто за идентификација. Вистинскиот патриотизам е претставувањето на земјата во најдобро светло и надвор од нашите граници. Пример за тоа се нашите спортисти, глумци, пејачи и композитори.
Најдобар доказ за патриотизам во последно време ни покажаа луѓето вклучени во проектот „Медена земја“ преку кој целиот свет дозна за Македонија. Се разбира, патриотизам е и познавањето на сопствената историја и величење на сите оние кои несебично го дале животот за ова парче земја. Но, уште поголем акт на патриотизам е прилагодување на животот во сегашноста и обезбедување на светла и стабилна иднина на нашите деца. Токму затоа, јас сум про-европски ориентиран и за мојата Македонија да доживее прогрес.
Не си ја цениме доволно државава, а имаме многу со кое треба да се гордееме.
Вечна да си Македонијо! Боемот 2.0