Пред година дена, заедно со другар ми „Кралот Лав“ петочки се уседнавме во кафана во парк. Атмосферата одлична, македонско музиче, добра скара и одличен муабет. Како ни се зголемува алкохолот во крвта, така и се будат патриотски чувства во нас. Ја викаме музиката кај нас и гласно пееме песни… Омилени песни за во кафана ни се: Стариот Џумбушлија, Ѓурѓа и Прости ми душо моја, а одлепуваме на Бисер Балкански.
Ама атмосферата по кафаните стивнува накај 12:30, па размислувавме кај да продолжиме вечерта. Ме убеди да продолжиме во Авењу. И ајде, викам, ќе напраам злодело и ќе отидам во Авењу. Ама знаете како е по македонските дискотеки. Ако сакате да влезете внатре двајца машки треба или да возите кабриолети или икс-шест. Ние, ни едното, ни другото. А ако сте две женски влегувате преку ред, најчесто не купувате карта и вечерта ја поминувате 3 пати поевтино него ли машките. Затоа, му викам на другар ми „Кралот Лав“ да фаќа врски за да влеземе преку ред.
Се јавивме на некои контакти и ни рекоа на врата да го бараме „macka“. Идеме пешки од Калабалак до Авењу. Надвор истура, а ние ко тешки пијандури идеме низ Дебар Маало и патем пееме народни песни. Стигаме накиснати пред Авењу. Пред дискотеката ред ко што има пред банките од време на Корона. Јас и другар ми се буткаме преку ред, или што би се рекло „извинете само да прашам“… На обезбедувањето му викам, „здраво, ние сме преку Мацка за да влеземе“… Овој ме прашува, „кој?“. Јас му викам „ни рекоа преку Мацка дека ќе не‘ пуштат“. „Абе дечки, ЈАС СУМ МАЧКА, А НЕ МАЦКА, ајде влагајте преку мене…“
НАРАВОУЧЕНИЕ: ПИШУВАЈТЕ КИРИЛИЦА ЗА ДА МОЖЕТЕ ДА ВЛЕЗЕТЕ У АВЕЊУ!
Боемот 2.0