„На лошото секогаш враќај со добро“. Ова е веројатно најкорисниот совет кој сум го добил во животов, а многу ми има помогнато во секакви ситуации!
Сеирџиска нација – ретко дава искрен совет
Една од негативните карактеристики за нашиот народ е тоа што секогаш гледаме повеќе да го кроиме есапот на другиот, отколку на самите нас. Познавам друштва кои цел ден пијат кафиња правејќи пресметки колку некои луѓе заработуваат, анализираат на што и колку потрошиле други, а самите тие да си брцнат во џебот немаат повеќе од 100-че за кафе. Не осудувам, но ако веќе прават муабет за ситуацијата кај другите, нека погледнат во својата чинија, која веројатно е празна.
Лична приказна
Пред 3-4 месеци бев во Лондон и мора да кажам дека бев ФАСЦИНИРАН од Македонците кои ги запознав таму. Наши луѓе кои почнале од нула, со животни приказни како од филм. Почнале на улица, а подоцна остварувале големи нешта. Бев изненаден од нивната добрина, ме прифатија како цел живот да ме знаат. Нејсе, за нив можам да зборувам до утре, но остана еден совет којшто го промени мојот живот.
Совет кој ми го промени животот
Се најдов во ситуација каде за мене „на големо“ се вадеа неточни муабети, па побарав совет што и како да правам со негативните коментари. Ми дадоа краток совет кој ми се врежа во главата: „kill them with kindness“. Елаборираа со лични примери кои толку силно ми влегоа „под кожа“ што секојдневно го применувам. На сите кои ми зборувале лошо, им враќале со три пати подобро. На лошото, со добро. Што би се рекло со фудбалски жаргон „Збуни го противникот“.
„Убиј ги со добрина“
Советот „Убиј ги со добрина“ ми го промени животот. Во меѓувреме, почнав да се вртам кон религијата, па мислам дека пораснав како индивидуа. Избегнувам да бидам конфликтна личност. Порано сум се објснувал со секој, сум повишувал тон и сум трошел енергија. Сега единствено се објаснувам со луѓето кои ми значат. Плус, активно спортувам па таму ја трошам негативната енергија која на моменти ја имам. Одвреме-навреме да ја жртвувам и сопствената среќа и спремен сум да поминам покрај туѓите неуспеси. Запамтете дека ако некој ве мрази тој не проблем со вас, туку со самиот себе.
„Господ ти дава милост онолку колку што си заслужил“
Велат: „Господ ти дава милост онолку колку што си заслужил“. На крајот, најважно е да бидеме добри луѓе.
Боемот 2.0