Блинкен и Лавров ќе наидат на загаден воздух, кучиња скитници, нерамни шахти, ѓубре и знамиња на туѓа држава!
Овие неколку денови очите на целиот свет ќе бидат насочени кон Скопје. Пристигнуваат над 70 делегации како дел од самитот на ОБСЕ, а во центарот на вниманието се американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот мининстер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Скопје ќе биде центар на случувањата, ДА, но како ќе се покажеме пред светот?
Лавров и Блинкен ќе дојдат во Скопје. При пристигнувањето на нашиот скромен аеродром со кола ќе се упатат кон центарот на градот. Веднаш ќе патуваат по автопат кој е полн со дупки, па, дури ако имаат камен во бубрег на тие дупки ќе го истресат. Потоа ќе наидат на патарина која кошта целосно непропорционално во склоп со условите на патот.
Од автопат Блинкен и Лавров ќе стигнат во градот Скопје. Ако одат накај салата Борис Трајковски или хотел Мериот веројатно ќе поминат од кај Мавровка или низ Чаир. А таму ќе наидат на знамиња од странска држава. Сигурно ќе помислат дека се во Албанија, но Гугл мапс ќе ги увери дека не ја промашиле локацијата. Можеби ќе ги видат и дивоградбите на Пластичарска кои како статуи седат со години.
Ако се сместени во Мериот можеби ќе поминат низ мостот Беласица. Тогаш ќе видат светско чудо, мост на кој само едната лента му е функционална, а импровизирано се вози по него незнаејќи никој ништо за неговата безбедност. На Блинкен и Лавров ќе им текне да отворат и прозор од кола, а по нив ќе лаат кучињата скитници. Затворајќи го прозорот од кола, ќе сакаат да го видат патот, а јас предлагам самитот да има и истражувачка мисија: Да барааат рамна шахта во Скопје? Па сигурно нигде нема да најдат! Инфраструктурата ни е крш.
На крајот, конечно ќе стигнат во хотел, а ако сакаат да отидат преку ред ќе мора да ја почувствуваат рак-раната на нашето општество и дадат некој денар за да бидат преку ред. Мито и корупција овде е присутно како „добар ден“.
Да не беше трагично ќе беше смешно. Нека ни е лесно семинарот на ОБСЕ и се нека помина во најдобар ред.
Боемот 2.0