Во последно време навистина станувам се‘ поразочаран од мојата генерација кога во прашање се некои одлуки. Ги гледам моите врсници, завршуваат четврта година економски факултет, а наместо да гледаат како да направат пари, гледаат како да најдат сигурна работа. По часови наместо да читаат за економија, поинтересна им е трач рубика. А некои стварно учат, бркаат просеци над 9.00 за да завршат факултет и да ја добијат таа долгопосакувана диплома.
Да не се разбереме погрешно, и јас ја сакам таа диплома. Но, што после тоа? Трчаат да се вработат кај што има „СИГУРНА“ работа, муабети „ќути бар пријавен си“, „има и полошо“. Ете, ја имаат дипломата од факултет, да речеме дека имаат некое знаење, но што со тоа? Наместо да целат високо, тие се одлучуваат на ова. Ќе речете дека солам памет и дека не треба да го пишувам ова… Но, видете што се случува откако ќе завршите факултет. По сите фирми бараат вработени со искуство, а ретко кој дава шанса да го стекнеш истото искуство. И затоа како резултат на многу екстерни фактори почнуваш да одиш „на пракса“, па добиваш работа со почетна плата од 18.500 денари. Понижувачки. Кога ќе го видам тоа навистина губам мотивација да учам за факс. Јас моментално заработувам неколку пати повеќе од тоа, се прашувам „зошто ли да учам“.
Мене ме чуди само една работа. Ме чуди тоа што многу колеги се задоволуваат со тој просек и стануваат дел од таа медиокритетска структура на живеење живот од денес за утре. Пиење кафе во маало како врховно достигнување и страв од преземање ризик. Тоа е, социјализмот пуштил длабоки корења тука, а нив никако да ги искорениме. Како млади луѓе би оделе напред само тогаш кога би се ослободиле од стегите на социјализмот.
Време е да се освестиме. Да сфатиме дека живееме во капитализам и да почнеме да ги користиме можностите на денешното време. Веќе ни небото не е граница. Размислувам капиталистички затоа што (ќе го цитирам поетот Виктор Иго) „Nothing is more powerful than an idea whose time has come“.
Добра ноќ капиталистичка младино, добра ноќ на сите оние кои не се задоволува со просекот и целиме многу високо!
Боемот 2.0