Една од темите која е актуелна кај нас периодов е „минималната плата“ која порасна од 14.500 на 18.000 денари што е навистина големо покачување и моментално имаме повисока плата од некои држави во регионот, а се рамниме со Бугарија во која трошокот за живот е поскап отколку кај нас. Но, дали растот на минималната плата наложува подобрување на економскиот стандард во државата? Не, секогаш. Зошто? Да го анализираме детално овој проблем.
Моментално во Македонија има 72.000 луѓе кои се пријавени на минималец од 14.500 денари. Со оваа мерка сите овие луѓе ќе добијат во нивните фамилии по 3.500 денари повеќе што навидум многу ќе им значи. Исто така во Македонија има 110.000 луѓе кои земаат под 18.000 денари (15-16-17 илјади денари) а и на нив автоматски ќе им се покачи плата и ќе добијат повисока плата.
На прашањето „Дали треба да расте минималната плата“ мојот краток одговор би бил: ДА, бидејќи треба да се следат тековите на пазарот. Ако растат цените на производите, следствено на тоа мора да растат и платите. И затоа, убаво е што ете, „левичарската“ влада навидум излегува во пресрет на работниците и пофалби од тој аспект од моја страна бидејќи се нафатија да го решат проблемот на синдикатите и работниците.
Но, ајде да ја погледнете реалната ситуацијата и да ја погледнете другата страна на приказната што носи ова „зголемување на минималецот“.
Левичарите кога зборуваат за зголемување на минималецот не кажуваат дека со зголемување на платата на работниците, растат и цените и пак условите на живот се горе-доле исти. Не кажуваат ни каква е реалната ситуација, односно дека многу „газди“ бараат своите вработени да им ги враќаат парите на рака. Не кажуваат ни дека минималната плата создава ОТКАЗИ односно дека при исплаќање поголеми плати работодавците некогаш не можат да постигнат да го направат тоа и даваат откази.
Според мене најголем проблем во новиот закон кај нас е тоа што сега минималната плата е 57% од просечната плата. Ова е премногу и ова доказ дека и просечната мора да расте. Иако ни просекот не е мерило, туку медијаната поточно платата која ја зема најголем дел од населението. Таа мора да расте пропроционално!
Од проста причина што кај нас газдите многу често знаат да ги извртуваат работите и да ги експлоатираат вработените кај нас минимална плата треба да има. 90% од државите во светот имаат минимална плата. До пред десетина години и Германија беше противник на оваа минимална плата, па истата ја воведе во 2015-та. Но, најважно е со растот на минималецот пропорционално да растат и другите плати. Сите сме сведоци дека моменталниот закон не ни носи подобар живот дека цените вртоглаво растат и растат повеќе од платата. Треба да сфатиме дека ни треба сеопфатно решение кое нема да се должи на гол популизам и ќе има економска оправданост. Не доаѓа предвид никаво печатење на пари или слично. Исто така, ако расте минималната плата треба да расте и продуктивноста, а работниците да се потрудат за истото.
Доста ни е од популизам сакаме подобрување на животниот стандард за сите граѓани, а не манипулации за раст на платите додека живееме исто, ако не и полошо!
Боемот 2.0