3 сабајле е термин кога си оставен сам на себе и единствен период од денот кога си „свој“. Ако мора да го опишам, ќе го наречам „боемски“ бидејќи алудира на неконвенционалниот живот. 3 сабајле е дел од денот кога доаѓаат најдобрите идеи, бизнис планови и животни одлуки.
Некои се враќаат од журка, па јадат топол бурек во маалската пекара, па се трезнат со пола литро Бучен Козјак. 3 сабајле е дел од денот кога има „некоја залутана кола“ по булеварите, а и единствен дел од денот кога за 20 минути може да направиш обиколка од еден до друг крај на Скопје. 3 сабајле е и гејмерски термин, бидејќи во пракса 80% од становите каде што е зaпалено едно светло од собата тогаш сигурно некој заглавил со гејмање. Останатите 20% каде што свети само едно светло во ова време е кај некои, најчесто (млади брачни) парови кои овој термин го одвојуваат за еротика и алиштата се доле на подот. Рака на срце, во 3 саат во некои домаќинства свети и фрижидерот бидејќи секогаш има некој којшто е гладен, си прави сендвич, па продолжува со спиење.
3 сабајле мене ми е одличен тајминг особено кога исто како во моментов врне дожд, па прозорот е оставен „на кипање“ за да можам да ги слушам капките дожд како течат по олуците на зградите. Во таков случај, не треба ниту музика, ниту слушалки… Едноставно, го слушаш дождот и ги затвораш очите, а самата „дождовна мелодија“ те носи низ времето, размислуваш, на моменти те фаќа страв, на моменти среќа. Но, во секој случај добро е што имаш и таков дел од денот каде што сфаќаш дека не си семоќен, дека си само обичен микроорганизам, еден од 8 милијарди на овој свет.
Како што вели Рене Декарт, „cogito ergo sum” – „мислам, значи постојам“, така и јас во овој дел од денот. Свесноста за нашето битисување е важна ставка во нашиот живот. Да не должам… Добра ноќ боемијо! 🥱
Боемот 2.0
P.s. Ова е единствен дел од денот кога поетски сум расположен…