Рибата не смрди од главата, туку од опашката!

„Македонија не е лоша држава, туку вие немате врски“. Ова е една од изреките која со сигурност ќе ја потврди речиси секој во нашата татковина. Живееме во држава каде што цвета секторот корупција и е рак-рана на нашето општество. Терминот „борба против корупција“ секогаш е само предизборна тема, а никој не мрда со мал прст за да се подобри и да не нѐ кочи години наназад.

Кога и да се отвори темата „корупција“, секој се вклучува во разговорот со свои искуства. И јас имам таков пример. Пред неколку години вадев лекарско уверение и таму бев точно во 11.26 часот, а од 11.30 почнуваше пауза. Службеничката ми рече дека мора да го затвори шалтерот. Јас ,,детиште”, ѝ реков дека се брзам и на зафрканција ѝ понудив 100 денари за да ми заврши работа, а таа без размислување прифати. Веројатно не ѝ беше прв ваков случај.

Секаде истото. Корупцијата е присутна како ,,добро утро” во образованието. Универзитетските професори (ин)директно условуваат студентите да ги купуваат нивните книги, или „под рака“ да им се даде нешто за да положат. Јавна тајна е давање мито за вработување на одредени позиции, јавна тајна се 500 евра за операција по болниците, правосудни одлуки да не ни зборувам, јавна тајна се и + – 300 евра за да положиш за возачка од прва.

Но, знаете што? Проблемот не е само во највисоките ешалони на власта. Проблемот е секаде и започнува уште од микро ниво. Не е крив премиерот или кој и да е што на најниските нивоа се зема мито. На пример, кога ми зедоа 100 денари за лекарско уверение тоа не е проблем на власта. Или пак кога полицајците земаат 500 денари за да не пишат казна. Проблемот е во поединците, проблемот е во народот што прифаќа корупција. И истите луѓе после коментираат како не им чинеле политичарите… Они украле смешни 100 денари, знаете зошто? Бидејќи ТОЛКУ МОЖАТ да украдат. Да можеле повеќе, сигурно би го направиле и тоа.
Старите секогаш велат „Рибата смрди од главата“. Но, не е баш така. За корупцијата рибата смрди од опашката. Од најдолните ешалони и „обичните“ работници сѐ до највисоките криминалци. Трагикомично.

Боемот 2.0 #Корупција #ТапкамеВоМесто

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on whatsapp
WhatsApp
Share on email
Email